Фејсбук го смени името во Мета и го претстави метаверзумот

Компанијата Фејсбук, која стои зад најголемите социјални медиуми на денешницата, се ребрендира под новото име Мета, соопшти сопственикот Марк Закерберг.

Ребрендирањето е дел од обидот на компанијата да ја претстави нивната визија за иднината преку виртуелна реалност, проект наречен „метаверзум“.

Скептичарите, пак, се сомневаат дека ова истовремено е и обид да се сврти вниманието на јавноста од „Фејсбук документите“, протечените податоци кои открија дека компанијата ги игнорирала внатрешните извештаи и предупредувања за штетата која социјалната мрежа ја прави низ светот.

Во своето видео обраќање Закерберг вели дека очекува метаверзумот да стигне до милијарда луѓе во следната деценија. Според него, метаверзумот е место каде луѓето ќе можат да комуницираат, соработуваат и да создаваат продукти и содржини во нов екосистем кој би отворил милиони работни места за креаторите.

Во објаснување на новото име, Закерберг вели дека името „Фејсбук“ не го опфаќа повеќе се` она што тие го прават. Покрај главната социјална мрежа под компанијата се наоѓаат и Инстаграм, Месинџер, неколку платформи за виртуелна реалност и други услуги.

„За да се отслика она што сме ние и иднината која се надеваме дека ќе ја изградиме, горд сум што можам да соопштам дека нашата компанија сега е Мета. Нашата мисија останува иста. Таа и понатаму е зближување на луѓето. Нашите апликации и нивните брендови не се менуваат. Ние и понатаму сме компанија која дизајнира технологија околу луѓето. Сепак, сите наши продукти, како и нашите апликации, ќе имаат нова визија – да помогнеме да го оживееме метаверзумот. И сега имаме име кое ќе го рефлектира тоа што сакаме да го направиме“, рече Закерберг.

Новината доаѓа во тек на кризна состојба со која се соочува Фејсбук. Кон нив се насочени нови засилени барања за регулаторна контрола во многу делови од светот по објавата на „Фејсбук документите“.

Дел од најголемите критичари на социјалниот медиум не се одушевени од ребрендирањето. Советот за вистински мониторинг на Фејсбук, невладина организација фокусирана на компанијата, упатија доста критики кон овој потег.

„Менувањето на името не ја менува реалноста – Фејсбук ја уништува нашата демократија и е водечкиот курир на дезинформации и омраза. Нивното бесмислено преименување не треба да не деконцентрира од истрагите, регулацијата и вистински независен надзор кој е потребен за да се бара одговорност од Фејсбук“, соопштија од организацијата