Американскиот регулатор ја критикуваше „Мета“ дека ги става под ризик децата корисници

Највисокиот американски регулатор за приватност на податоци ја обвини компанијата „Мета“ во чија сопственост се Фејсбук и Инстаграм дека не водела соодветна родителска контрола, јавува „Би-Би-Си“.

Федералната трговска комисија (ФТЦ) исто така оценила дека на „Мета“ треба да ѝ се забрани да заработува пари од податоци на деца и малолетници.

„Непромисленоста на компанијата ги става младите корисници под ризик и Фејсбук треба да одговара за своите неуспеси“, стои во извештајот.

ФТЦ соопшти и дека независната истрага открила „неколку дупки и слабости на програмот за приватност на Фејсбук“ кои претставуваат „опасност за јавноста“.

Корисниците кои се на возраст под 13 години им е дозволено да се вклучат во разговори со контакти кои не се проверени од родителите.

Регулаторот исто така извести дека „Мета“ продолжила да дава пристап до приватни информации на трети страни дури и откако вети дека ќе го скрати пристапот доколку корисниците не користат некоја од апликациите во претходните 90 дена.

Оттаму предложија серија активности што „Мета“ може да ги преземе како целосна забрана за монетизирање на податоци од деца и тинејџери помлади од 18 години, пауза на лансирање на нови производи додека не се утврди дека тие ќе бидат во согласност со правилата за приватност и лимитирање на идните употреби за препознавање лице. Од „Мета“ се бара и да добива потврдна согласност од корисниците секогаш кога во иднина ќе се употребува технологијата за препознавање лица.

„Мета“ возврати на обвинувањето нарекувајќи го потегот на Регулаторот „политички трик“ и го обвини за пречекорување на своите овластувања. Потпаролот, Енди Стоун рече дека „Мета“ е издвоена „во време кога на кинески компании како ТикТок им се дозволува да оперираат на американско тло без никакви ограничувања“.