Европската Комисија препорача Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ

Северна Македонија доби безусловна препорака од Европската Комисија за започнување на преговори за членство во Европската Унија.

Во годишниот извештај, кој беше објавен денес, покрај за земјава Комисијата препорача и Албанија да ги започне преговорите со ЕУ.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, презентирајќи го извештајот ја посочи Северна Македонија како „светол пример“ во регионот и посебно ги истакна Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија како одличен начин за зацрвстување на добрососедските односи.

„Двете земји покажаа одлични резултати во конкретните области што се анализираат и оценуваат во извештајот. Северна Македонија, не само што продолжи со амбициозната реформска агенда, туку постигна историски договор со Грција и во меѓувреме ги имплементираше неопходните промени во Уставот што беа договорени со Грција во насока на членството во НАТО. Тоа е пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта и привлечноста на ЕУ. Време е Европската Унија да ги исполни своите ветувања, откако земјите кандидатки ги исполнуваат своите“, рече Хан.

Во воведниот дел од Извештајот се истакнува дека Северна Македонија го задржала умереното темпо на имплементирање на ЕУ реформите претходниот период.

„Владата презеде чекори да ги врати контролните механизми на институциите и да ја зацврсти демократијата и владеењето на правото. Земјата продолжи да поминува низ фундаментални промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера. Земјата продолжи да покажува видливи резултати во клучните сегменти идентификувани во Заклучоците на Советот, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформа во разузнавачките служби и јавната администрација. Културата на компромис во политичката клима е подобрена од владините напори да се консултираат сите чинители, во кои се вклучени и опозицијата и граѓанското општество на инклузивен и транспарентен начин“, стои во извештајот.

Предлогот на Европската Комисија треба да биде одобрен и од Советот на министри на земјите членки на ЕУ, кој ќе се одржи во јуни.