ЕУ блиску до договор за нови санкции против Белорусија поради мигрантската криза

Европската Унија (ЕУ) е блиску до воведување повеќе санкции за Белорусија, насочени кон околу 30 поединци и ентитети, вклучително и министерот за надворешни работи и белоруската авиокомпанија Белавија, со одобрување кое може да се случи веќе следната недела, изјавија тројца дипломати на ЕУ, јавува „Ројтерс“.

ЕУ и НАТО го обвинуваат претседателот Александар Лукашенко дека ги користи мигрантите како оружје за притисок врз Западот, со тоа што испраќаат луѓе кои бегаат од Блискиот Исток во Минск, а потоа на границите на Полска и балтичките држави.

Новата рунда санкции треба да ги таргетира белоруските претставници за кои ЕУ вели дека го организирале пристигнувањето на мигрантите како одмазда за санкциите кон Минск поради кршењето на човековите права.

27-те амбасадори на ЕУ треба официјално да се согласат дека зголемениот број на мигранти долж границата на Белорусија со Полска претставува „хибридна војна“ и може да послужи како правна основа за санкции.

Минск негира какви било такви операции. Санкциите за високите функционери досега не беа ефективни за слабеење на владеењето на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година.