ЕСЕ до МТСП: „Рекордниот“ план за вработување е само 5% зголемен од лани

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) реагираа на информацијата на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) за усвоениот владин Оперативнен план за вработување за 2019 година, за кои се издвоени „рекордни 1,1 милијарда денари“ наменети за преквалификација и доедукација на невработени лица. Од ЕСЕ велат дека со таква промена не може да се очекуваат значителни подобрувања во опфатот на крајни корисници.

„Средствата кои се издвоени за спроведување на активните политики за вработување за 2019 година, не претставуваат рекорден износ на средства кои досега се издвоени за оваа намена, односно претставува само зголемување од 5% во однос на 2018 година, кога биле извоени 1.045.794.835 денари. Па така, од ваквата минимална промена во износот на издвоени средства, не може да се очекува некое значително зголемување во опфатот на крајни корисници со предвидените мерки за вработување во однос на претходните години“, велат од Здружението.

Од ЕСЕ додаваат дека Министерството, при креирањето на активните политики за вработување, треба да стави посебен акцент, не на износот на издвоени стредства, туку на видот, начинот, квалитетот и обемот на мерки за вработување кои ги предвидува.

Во таа насока, Здружението порачува особено внимание  да се посвети на:

  • Средствата издвоени во оперативниот план да се менаџираат во целост од Агенцијата за вработување без одлевање на средства од буџетот кон УНДП врз кои институциите немаат контрола;
  • да се подобри статистиката и начинот на водење на евиденцијата од страна на Агенцијата;
  • да не се фаворизираат одредени мерки за вработување помеѓу граѓаните и да се поттикнат граѓаните да користат повеќе од мерките;
  • да се утврди зошто невработените граѓани не ги користат услугите на Агенцијата за врботување;
  • да се превземат мерки да се охрабрат невработените граѓани да се регистрираат во евиденцијата на невработени, со посебен фокус на нерегистрираните жени;
  • да се преземат мерки за запознавање на граѓаните со услугите кои ги нуди АВРМ преку утврдување на тоа кој вид на комуникација е најсоодветен за различните категории на граѓани;
  • да се спроведат теренски активности од АВРМ во заедницата со цел воспоставување на непосредни односи со неа, а со тоа и враќање на довербата во оваа институција;
  • да се воспостави пракса на непосредно информирање на граѓаните за активните мерки при секоја посета на подрачната единица на Агенцијата;
  • да се планираат и преземат специфични мерки за вработување на повозрасните невработени лица…

Од МТСП вчера соопштија дека во новиот Оперативен план за вработување се издвоиле највисок износ досега, кој е за речиси четири пати поголем од 2014 година. Мерките, посочуваат, се фокусирани на доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис идеи, додавајќи дека во процесот на креирање на овие мерки за првпат се вклучени сите чинители.

„Со Оперативниот план за 2019 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години како и на корисниците на гарантирана минимална помош. Оваа година Оперативниот план ги опфаќа и физичките лица, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост. Со ОП 2019, меѓу другото, овозможуваме обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини, како и обуки за дигитални вештини. Исто така, се продолжуваат програмите „Практиканство“,„Општинско-корисна работа“ и „Јавни работи“.

Од МТСП додаваат и дека Оперативниот план минатата година имал 95% реализација и преку него за прв пат беше воведена „Гаранцијата за млади“ преку која се вработени 1.839 лица.