Еквадор му го исклучи интернетот на Асанж

Викиликс го обвини Еквадор дека го оневозможил пристапот до интернет на нивниот основач Џулијан Асанж, кој веќе четири години престојува во амбасадата на оваа земја во Лондон.

Како што пишува Викиликс преку својот твитер профил, прекинот на интернетот за Асанж се случил во саботата во 17 часот, кратко откако ги објавија платените говори на демократскиот кандидат за претседател на САД, Хилари Клинтон за банката Голдман Сакс. Автентичноста на овие транскрипти не беше ниту потврдена, ниту негирана од кампањата на Клинтон.

Асанж од 2012 година се наоѓа во еквадорската амбасада во Велика Британија, како место кое му пружа заштита од екстрадиција поради обвиненија за сексуални злосторства од шведските власти. Тој ги отфрла обвинувањата, но истовремно се сомнева дека ако ја напушти амбасадата, ќе биде екстрадиран во САД поради неговите активности со Викиликс.

Првично за прекинот на интернет, Викиликс ги посочи американските и британските владини служби, соопштувајќи дека поради тоа се активирани планираните дејствија во таков случај. Ова беше проследено и со три шифрирани твитови од профилот на Викиликс, во кои единствено разбирливите зборови се „Џон Кери“, „Еквадор“ и „Британското Министерство за надворешни работи“.

vikiliks-tvitovi

Се уште не е познато која е мотивацијата на Еквадор за оневозможувањето на неговиот пристап до интернет.

Министерството за надворешни работи на јужноамериканската држава објави кратко соопштение во кое не е споменат прекинот на интернетот, туку само се потврдува неговиот азил.

„Соочени со шпекулациите во последните неколку часа, Владата на Еквадор ја ратификува валидноста на азилот даден на Џулијан Асанж пред четири години. Уште еднаш потврдуваме дека заштитата од страна на Еквадор ќе продолжи додека останат околностите кои доведоа до азил“, изјавија од Министерството.

Викиликс веќе подолг период објавува огромен број хакирани мејлови од шефот на кампањата на Клинтон, Џон Подеста.