Екологијата малку застапена во основното и во средното образование

На незавидно ниско ниво е свеста кај македонските граѓани за потребата од заштита на животната средина и за опасностите што ги носат климатските промени и загадувањето по нашата цивилизација, а најдобар показател за тоа е отпадот на улиците и во природата кои се неизбежна слика насекаде во државата. Една од главните причини за тоа е што со години наназад екологијата како наука е многу малку застапена во основното и во средното образование, практика која доколку не се смени може да има несогледливи последици по природната средина и да доведе до загрозување на опстанокот на идните генерации, објави Samoprasaj.

За разлика од кај нас, многу земји во светот се будат во однос на овие опасности и преку реформи во образованиот систем бараат начин екологијата и одржливиот развој да бидат меѓу главните теми за изучување во училиштата. Со различни методи и програми тие се обидуваат најмладите да ги научат дека луѓето немаат резервна планета и дека од нивните секојдневни навики зависи иднината на Земјата. Тие сфатиле дека младите генерации кои утре ќе одлучуваат за државните политики мора да се освестат уште во најраните години за во иднина правилно да постапуваат по еколошките прашања.

Обединетите Арапски Емирати неодамна склучија договор со Меѓународната агенција за обновлива енергија за соработка при интеграцијата на одржливиот развој и обновливата енергија во образованиот систем на оваа земја. Во Велика Британија, надлежните образовни институции почнаа со имплементација на курсеви кои имаат за цел да ги подучуваат учениците за причините, ризиците и решенијата за климатските промени. Во Индијаучилиштата ги вклучија основните цели за одржлив развој на Обединетите Нации во нивните наставни програми и ги охрабруваат учениците за креираат решенија за исполнување на овие цели.

Еколошкото образование оставено на умешноста на наставниците

Во основните и средните училишта во земјава еколошките теми се изучуваат како дел од постоечките предмети и преку воннаставни програми односно најчесто преку реализација на проекти поддржани од странски донатори. Ваквиот начин на пренесување знаење во голема мера зависи од личните амбиции и умешноста на наставниот кадар.

Тоа го покажува и научниот труд „Корелација и интеграција на наставните содржини со еколошка тематика на часовите по англиски јазик во основното образование во Република Македонија“ изработен од Снежана Ставрева Веселиновска, професор д-р на Факултет за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Снежана Кирова, виш лектор при Филолошки факултет на истиот Универзитет.

Во овој труд се констатира дека учебниците се поделени на наставни теми кои обработуваат одредени содржини од областа на соодветниот наставен предмет и дека во рамките на тие теми се интегрирани и еколошки содржини, направена е корелација помеѓу нив и на тој начин им се доближуваат на учениците.

„Како и колку успешно тоа ќе биде направено сепак зависи од умешноста, односно од креативноста и инвентивноста на наставникот, неговите менаџерски способности за време на наставниот час, методите и техниките кои ќе ги користи, како и сите расположливи наставни и други ресурси сѐ со цел доближување на еколошките содржини до ученикот, подигање на еколошката свест и градење на еколошката култура“, се вели во овој труд.

Целата тема може да ја прочитате ТУКА.