„Дваесет и првиот“ на Томислав Османли меѓу петте најдобри странски книги преведени на српски годинава

Влијателниот белградски портал “Belgrade Edt Culture” деновиве ги објави своите рејтинзи во сите културни домени за остварувањата кои ја одбележаа минатата 2014 година. Порталот во книгоиздателската дејност на Србија направи селекција од 25 домашни и странски наслови поделени во неколку категории.

Во категоријата „Топ 5 странски книги за прв пат преведени на српски“ избран е „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли, кој годинава на српски го објави белградската издавачка куќа „Дерета“, пренесува Либертас.

Во истата категорија, сeлектирани се „Кафка на брегот на морето“ на Харуки Мураками,  „Празник во кома“ на Фредерик Бегбеде, „Светот на сцената“ на Чарли Чаплин и Дејвид Робинсон, и „Камерна музика“ на Џемс Џојс.

Во коментарот на порталот “BGEdCulture” кон изборот во оваа категорија книжебни наслови е забележано:

„Имајќи предвид дека домашните издавачи не се секогаш во можност некои од одличните книжевни изданија да ги преведат и издадат кога тие за прв биле објавени во своите земји, следи листата на најзначaјните изданија објавени за прв пат на српски јазик. Секако се издвојува романот на Томислав Османли којшто со омнибус-приказната на мошне комплексен и содржаен начин ја опишал севкупната судбина којашто ја минувале сите народи низ транзицијата, по распадот на Југославија. Вредеше да се чекаат сите наведени преводи и изданија на српски јазик“, заклучува воведничарот.

Инаку, порталот “BGEdтCulture” по втор пат го фокусира романот на Османли којшто во Македонија 2010 ја доби наградата на “Утрински весник“ за роман на годината, а само годинава забележа два посебни превода: на црногорски во издание на ОКФ од Цетиње, и спомнатово издание на книгоиздателството „Дерета“ од Белград. Имено, на почетокот од Ноември минатата година, по завршувањето на белградскиот Саем на книгата, како свои „Книжевни препораки“, порталот го издвои нашиот роман „Дваесет и првиот“ во селекција од 10 наслови.