„Дневникот на лудиот“ на втори октомври во Скопје, а потоа и низ Македонија

„Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски на втори октомври во 20 часот ќе биде изведена во театар Сенки и Облаци во Скопје, а во наредните два месеци претставата ќе патува во Охрид, Велес, Дојран, Кавадарци, Штип, Куманово,Кочани, Валандово и Богданци.

Се работи за монодрама, претставата е работена пред три години како дел од независна продукција, после две годишна пауза на покана на театар Сенки и Облаци во Дебар Маало претставата се игра таму.

„Дневникот на лудиот“ до сега има учествувано на четири театарски фестивали: Интернационалниот театарски фестивал на монодрама во Битола, МТФ Војдан Чернодрински Прилеп, на ИТФ Лица без Маски оваа година претставата освои награда за најдобар актер на фестивалот за Бобан Алексоски, на ИТФ БАТИФ Тирана, Албанија во 2017 година монодрамата освои две награди, за најдобар актер и најдобра режија на фестивалот за Алексоски и Ризески.

До крај на месец ноември претставата ќе брои дваесет и две изведби. Планирани се учества на фестивали надвор од државата за наредната година.

„Нашата претстава се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него. Разочарувањето не е одговор, има нешто среќно што го трагаме сите, но многу пречки што самите сме ги создале не ни дозволиле за да конечно го најдеме и му се радуваме до крај“, порачува екипата.

Гостувањата по градовите се поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија во рамките на манифестацијата Нов културен бран 2019 година.