Денови на рускиот филм во Кинотека

Од 28 септември до 2 октомври во Кинотека ќе се одржуваат Денови на рускиот филм во соработка со „Ленфилм” од Москва.

Гостин на Деновите на рускиот филм е филмскиот експерт Александар Поздњаков, автор на документарниот филм „Звуците од старите ѕидови“, со кој ќе биде затворена оваа манифестација во Кинотеката. Филм на отворањето е „Развод по сопствена желба“ на сценаристот и режисер Илија Северов.Изборот на насловите од Деновите на руски филм се продуцирани во студиото „Ленфилм“ – најстарата продукциска компанија во Русија – во периодот од 60-те години на минатиот век, па сè до поновата продукција на филмот што ја отвора манифестацијата – „Развод по сопствена желба“.

Александар Поздњаков е познат руски режисер, сценарист и историчар на филмот. Работи во „Ленфилм“ од 1983, и е претседател на асоцијацијата на филмските критичари на Санкт Петерсбург. Автор е на неколку книги и на документарните филмови „Анатомија на филмот: човек амфибија“ (Anatomy of film: Human Amphibian; 2001); „Манерхајм и Пиетари“ (Mannerheim e Pietari; 2004); „Светла на сцената“ (Lights  in  the Stage; 2007 ); „Герман, од другата страна на камерата“ (German, From  the Other  Side of the Camera; 2009); „Дијамантска страна“А (Diamond Facet; 2010); „Царска посета“ (Visiting Empress; 2010); „2016 – божоќно дрво на бреговите на Нева“ (2016 – Christmas Tree on the Banks of the Neva; 2016)…

Во петте вечери посветени на продукциите на „Ленфилм“ ќе може да се погледнат девет наслови на автори различни по нивната естетика, како и филмови од различни периоди на постоењето на ова филмско студио. На програмата се имињата на Борис Пастернак како сценарист, режисерите Григори Козинцев и Алексеј Герман (меѓу останатите), актерот Инокентиј Смоктуновски и многу други значајни имиња од советската ера на руската кинематографија, но и новите имиња.