Дејвид Гета ќе настапи на стадионот Филип Втори, со специјален гостин Робин Шулц

Под франшизата „Скопје колинг“, за првпат свој настап ќе одржи една од најпопуларните глобални ѕвезди на денешницата Дејвид Гета. Неговиот настап е закажан за 5 јуни, а ќе се одржи на стадионот Филип Втори.

На светската музичка сцена, Гета важи за многу повеќе од диџеј и продуцент, уривајќи многу рекорди. Неговите соработки со Риајна, Мадона, Кел Роланд, Ејкон, Сиа, Лејди Гага, Бритни Спирс, Ники Минаж и уште многу други, станаа светски хитови.

Пред Гета како специјален гостин ќе настапи Робин Шулц, еден од најактуелните диџеи во последниве неколку години. Тој во Скопје ќе изведе 90 минутен сет со најголемите денс-хитови со кои ги освои светските топ листи, водечките фестивали и клубови ширум светот.

Скопје колинг 2016 ќе биде досега невидено продукциско шоу во Македонија. Стадионот ќе биде во функција со полн капацитет. Шоуто ќе започне со настап на локални диџеи, како и новата француска диџеј ѕвезда „Кунгс“(Kungs).

Поради тоа што ова е прво промотивно издание на брендот „Скопје колинг“ (Skopje Calling), Авалон проукција се одлучи за неверојатно популарни цени за овој шестчасовен музички спектакл.