Децата бегалци принудени да работат без надомест откако го напуштија Кале

Децата бегалци кои беа иселени од демолираниот камп Џунгла во францускиот град Кале работат без никаква плата, јавуваат групите за заштита на човекови права.

Задолжителните интервјуа со малолетниците без придружба кои се спроведуваат од бегалските кампови до официјалните приемни центри за бегалци откриле дека децата биле принудени да работат без пари, најчесто на фарми за јаболка кои потоа се продавале на француските пазари. Велат дека биле премногу исплашени да одбијат да работат бидејќи се плашеле дека тоа ќе им ги намали шансите да добијат азил во Велика Британија.

Од 33 момчиња интервјуирани од хуманитарната организација Safe Passage UK, четвртина рекле дека не добиле чиста облека откако пристигнале во центрите, откако беше срушен кампот Џунгла во Кале пред еден месец.

Дури 39 проценти од интервјуираните малолетници рекле дека се чувствувале подобро во кампот, отколку сега во центрите. Ги опишуваат како „депонија непогодна за живеење“.

„Ужасно е. Работевме цел ден берејќи јаболка и ни дозволија да ги јадеме гнилите. Останатото ќе биде продадено во Франција. Само сакаме да бидеме со нашите семејства во Велика Британија“, вели едно од момчињата, кое се наоѓа во камп во северна Франција.

Друго рекло дека се принудени да берат по четири килограми овошје секој работен ден.

„Се плашиме дека ако не работиме, тоа ќе влијае на добивањето азил. Што ако не ме остават да живеам овде и ме избркаат?“.

Safe Passage UK вршело интервју на секое дете по 45 минути, на нивниот мајчин јазик. Пет деца откриле дека не се чувствуваат безбедно, а од 33, само пет рекле дека со нив разговарале претставници на британскиот Хоум Офис. Три изјавиле дека не ги интервјуирал никаков претставник ниту од Франција, ниту од Велика Британија, а три рекле дека со нив живеат возрасни, со што се нарушуваат правилата за безбедност на децата.

„Изгледа како затвор. Немаме ништо со што можеме да си играме, а цело време додека седиме во нашата соба не е безбедно. Живееме со возрасни, постари се од 20 години“, вели едно од децата.

Досега, околу 350 деца беа однесени во Велика Британија, а се очекува уште стотина да пристигнат според Даблинските регулативи. Сепак, хуманитарните организации тврдат дека околу 2000 малолетници без придружба биле регистрирани во Кале пред кампот да биде демолиран, и бараат 1000 деца да бидат донесени во Англија пред Божиќ.