„Дали имаме доволно сапун?“ – деца ѝ поставуваа прашања на норвешката премиерка во врска со Ковид-19

Премиерката на Норвешка Ерна Солберг на децата им кажа дека е убедена дека ќе се најде вакцина против новиот коронавирус и дека болеста може да стане една од многуте против кои децата се вакцинираат. Солберг говореше на третата прес-конференција одржана специјално за деца, откако започна кризата, јавува „Ројтерс“.

На нејзиниот прв брифинг одржан на 16 март, таа им рече на децата дека е „во ред“ да се чувствуваат исплашени поради пандемијата.

„Мислам дека ќе можеме да најдеме вакцина и тоа значи дека короната ќе продолжи да постои, но затоа што ќе се вакцинираме нема да се разболиме или да нема да бидеме толку болни од тоа“, рече Солберг, додавајќи дека таа како мала има прележано мали сипаници.

„Тоа е болест поради која се вакцинираат речиси сите деца во Норвешка, но тоа беше многу опасна болест кога бев мала… Сега тоа (коронавирусот) ќе биде како сипаниците или рубеолата“, рече Солберг.

Меѓудругото, децата прашуваа и „дали имаме доволно сапун“, „дали на Норвешка ќе и останат пари по пандемијата“ и „дали може да имаме антибактериски гел кој мириса убаво“.

„Би било убаво, нели, ако мирисаше на цвеќе“, им одговори Солберг.

„Но, најважно е што ја врши работата… А, понекогаш наоѓате антибактериски гел кој мириса подобро од другите“, додаде таа.

Норвешка би имала доволно залихи сапун за да се справи со пандемијата, посочи на истата прес-конференција министерот за деца и семејство Кјел Инголф Ропстад.

Училиштата во Норвешка повторно се отворија на 27 април и продолжија вообичаено на 17 август, по летните одмори. Учениците не мора да носат маски за заштита, но мора да се обидат да држат дистанца за време на одморите.

Во Норвешка досега е регистриран 10.871 случај на Ковид-19, додека 264 лица починале.