ЦУК: Сообраќајот на превојот „Стража“ е во прекин, а во правецот Ресен-Битола се одвива отежнато

Сообраќајот на превојот „Стража“ во моментот е во прекин заради попречено возило на патот кај „Тајмишка Раскрсница“, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Регионалниот ЦУК Охрид, известува дека поради попречено возило на патот кај ‘Тајмишка Раскрсница’ кон превојот ‘Стража’ во моментот патниот правец е во прекин, при што се создаваат колони со возила. Екипите на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта работата на расчистување на патниот правец на превојот ‘Стража’“, посочуваат од ЦУК.

Бројни градови низ Македонија денеска се зафатени од снежни врнежи. Преку социјалните мрежи, граѓани претходно објавија видеа од застојот на превојот „Стража“.

Исто така, сообраќајот на патниот правец Ресен-Битола се одвива отежнато поради наноси од снег, велат од ЦУК и додаваат дека имало повеќе возила кои се излигале од патот.

„Екипите на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и на овој патен правец работеле за расчистување на наведениот патен правец“, додаваат од ЦУК.

Дополнително, од ЦУК соопштија дека патниот правец Крива Паланка – граничен премин „Деве Баир“ е затворен за тешки товарни возила, според известувањето на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Од АМСМ на нивната веб-страница е наведено дека е воведена и забрана за движење на тешки товарни моторни возила и на патниот правец Градско-Прилеп кај превојот „Плетвар“, како и на патниот правец Битола-Ресен, кај превојот „Ѓавато“.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираше дека до 16 часот наврнале 16 центиметри снег во Маврови Анови, 12 на Попова Шапка, 9 во Лазарополе, 7 во Крива Паланка и по 3 цм во Тетово и Прилеп.

До крајот на денот, оттаму велат дека ќе е претежно облачно, односно во првиот дел на ноќта на повеќе места со врнежи од снег. Во
вториот дел, посочуваат дека врнежите ќе намалуваат и дека ќе дува умерен до силен северен ветер.