ЦУК: Активен пожарот меѓу охридските села Вапила и Расино, изгаснати 20 пожари во последното деноноќие

Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информираше дека на територијата на земјава е активен еден шумски пожар на планината помеѓу охридските села Вапила и Расино, каде гори деградирана шума, а досега се опожарени околу 12 хектари површина.

Оттаму посочија дека територијалната против пожарна единица Охрид и денес е на терен со едно противпожарно возило и 6 пожарникари, а дека од утрово од 5 часот на терен се и околу 50 луѓе.

„Пожарот гори на три страни и се прават напори за негово обиколување, но поради тешкиот терен гасењето оди отежнато“, соопштија од ЦУК.

Истовремено, од ЦУК информираа дека во изминатото деноноќие се изгаснати 20 пожари, односно, пожарите кај село Фурка, кај село Добрашинци, кај село Јурумлери, кај Градско, кај село Виничани, кај светиниколската месност „Ливади“, кај селото Теарце, кај селото Велестово, селото Другово, селото Крстоар, населбата Доброшане во Куманово и во близина на автопатот кај село Табановце.

Исто така, изгаснати се пожари и кај местото „Стари лозја“ во Куманово, кај селото Брзак, селото Никуштак, селото Макреш, селото ЛУке, селото Псача, пожар на сува трева во Општинна Бутел и пожар на депонија во Општина Шуто Оризари.