ЦУК: Активен пожарот кај селото Фурка, изгаснати се 13 пожари во изминатите 24 часа

Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска информираше дека во последните 24 часа има еден активен пожар, додека 13 се изгаснати. Оттаму посочуваат дека пожарот кај село Фурка помеѓу општините Дојран и Богданци е сè уште активен, но со намален интензитет.

„Гори деградирана шума-прнар, а на места има и борова шума. Ангажирани сили и служби се Територјалната противпожарна единица ТППЕ Гевгелија со 10 до 14 пожарникари и 3 противпожарни моторни возила (пп м.в.), доброволно ПП друштво Дојран со 4 лица и 1 возило, Комуналец Гевгелија со 1 цистерна и 2 вработени за дотур на вода, Комунално Дојран  со 2 возила и околу 10 вработени, Јавно претпријатие Национални шуми (ЈПНШ) Подружница Кожув Гевгелија со 2 возила и 10 вработени,ТППЕ Кавадарци со 2 ПП возила и околу 8 пожарникари,ТППЕ Валандово со 1 ПП возило и 3 пожарникари, ДЗС-Валандово со 1 возило и 5 членови на тимот за брз одговор, МВР ПС Гевгелија со 2 патролни возила и ТППЕ Струмица со едно возило и 4-5 луѓе“, велат од ЦУК.

Дополнително, тие информираат дека пожарот е активен на кракот на западната страна на пожарот спрема Богданци и мал крак преку рибникот Елита.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека во последните 24 часа изгаснати се пожари кај селата Ангелци и Вељуса, пожар кај селото Пирава, кај селата Ињево и Воиславци, пожар кај селото Житоше кон Борино, пожар на депонијата во Крушево, пожар на стрниште кај местото викано Лезовски Кантон кај Штип, кровна конструкција и спрат од куќа во село Орашје, пожар на сува трева и ѓубриште до стариот објект на Воспитно поправниот дом Тетово, пожар на стрниште во село Романовце, стрниште во село Ложани, пожар во селото Гајре, пожар кај стариот пат од Тетово накај Желино и пожар во селото Челопек.