Голем пожар во беровскиот регион, огнот утрово се гаси од воздух

Околу 50 хектари шума гори во пожар кој вчера го зафати беровскиот регион над селата Митрашинци и Будинарци, кој поради ветерот брзо се шири.

Според последните информации засега нема опасност по населените места во регионот, бидејќи огнената стихија е во планинскиот предел.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, за МИА изјави дека еден армиски, еден полициски хеликоптер и ЕР-трактор утрово ќе интервенираат од воздух врз опожарената шума, додавајќи дека се собираат и теренски возила кои можат да носат и поголеми количини на вода со цел да се делува истовремено и од земја.

Синоќа армискиот хеликоптер направил извиднички лет кој направил план како денеска да се гасне пожарот од воздух.

Од Општина Берово вчера го повикаа локалното население на будност и акција за гаснење на пожарот.

„Во моментот гори голем пожар над селото Митрашинци, над објектите на семејството Валаски. Пожарот може да прерасне во големина каква што имавме минатата година. Апелираме до населението, до граѓаните посебно од селата Митрашинци, Будинарци, Мачево, да се упатиме во што поголем број доброволци за побрзо гаснење на истиот со цел да не прерасне во големина каква што имавме минатата година“, информираа од Општина Берово синоќа преку Фејсбук.