Пожар во фабрика за бои и лакови во село Фалише – населението во околината да не престојува на отворено, порача ЦУК

Претпладнево избувна пожар во фабриката за бои и лакови „Еуроком“ во тетовското село Фалише, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Истовремено, оттаму им препорачаа на граѓаните во околината да ги затворат прозорците и да не престојуваат на отворено.

„Според пријавата за пожар во ЦУК, преку Единствениот број за итни повици 112 гори во фабриката за бои и лакови ,,Еуроком”. Пожарникарите од ТППЕ Тетово веднаш се излезени на терен. Од Ангелов е координирана помош од пожарникарите од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово. Побарана е и помош од гостиварски приватни фирми коишто можат да помогнат со машинерија, бидејќи ситуацијата е алармантна за расчистување на материјалите што се во магацинот, а не се фатени од пожарот“, велат од ЦУК.

Дополнително, бил координиран и ангажман на хеликоптер од МВР за гаснење на пожарот, но временските услови не го дозволувале тоа, истакнаа од ЦУК.

фото: Центар за управување со кризи