Четири македонски градови добиваат ВикиКлуб

По успешното спроведување на пролетниот уредувачки потфат „Викилига“, оваа есен започнува нов, втор по ред, уредувачки потфат на Википедија на македонски јазик, во соработка со Гете Институтот од Скопје, кој ќе опфати 4 јавни настани – работилници за обука и уредувачки маратони на теми поврзани со германската култура кои ќе траат во есенските месеци во 4 различни градови во Северна Македонија: Струмица, Битола, Куманово и Велес. Потфатот е насловен Градски ВикиКлуб (на германски WikiStadtKlub), со цел овие кружоци со членови обучени да уредуваат и работат на Википедија да ја зголемат македонската заедница на уредници и да постојат да уредуваат и придонесуваат и понатаму.

Градски ВикиКлуб (WikiStadtKlub) е втор заеднички проект на Goethe-Institut Skopje и Википедија на македонски јазик кој има за цел доближување на содржини поврзани со германската култура на македонските читатели преку нивен превод од Википедија на германски на Википедија на македонски јазик. Проектот се состои од јавен настан од времтраење од 3 часа кој ќе опфаќа обука за уредување на Википедија и уредувачки маратон со уредување на статии на теми поврзани со германската книжевност, култура и уметност.

Учеството е бесплатно. Секој заинтересиран поединец може да го пополни прашалникот за пријавување за учество. Првиот настан кој опфаќа работилница и обука со уредувачки маратон на теми од германската книжевност, култура и уметност, кој ќе се одржи на 25 септември 2019 година, од 13 до 16 часот во  градската библиотека „Благој Јанков – Мучето“ во Струмица.

Со учеството на уредувачките маратони на Викилига, секој поединец ќе биде обучен и ќе се стекне со знаења за уредување на Википедија преку изворниот кодиран (html) и нагледниот визуелен уредувач, како и преку користење за алатката за превод, а ќе биде и подлабоко упатен во останатите интернет проекти на Викимедија, кои се многу корисни во современото информатичко работење.