Борба за Влае: Досега не сме виделе како планот за Алумина, во него има згради-монструми од 35 спратови

Во овие две години откога постои Борба за Влае, пробуваме да ги анализираме сите предлог ДУП-ови што ги објавува Општина Карпош. Кај повеќето ДУП-ови има скриени податоци за кои треба детална анализа. Кај некои треба да се фокусираме на парцелите на кои нема ништо за да видиме колкава зграда е планирана и чив е плацот. Најчесто тие ДУП-ови се носат баш за тие 1-2 згради кои излегуваат од параметрите од останатите објекти во населбите. Ама план како овој за Алумина досега не сме виделе, велат од граѓанската иницијатива Борба за Влае.

Од таму посочуваат дека кај другите ДУП-ови се жалеле дека е планирано малку зеленило и не доволно простор за објекти од јавен интерес (градинки, училишта…). Во ДУП-от за Алумина, пак, велат тие, нема ни скриени податоци.

„Јасно е што се прави. Таму има само грст згради од 9, 11 и 14 спратови. И две згради-монструми од 35 спратови.  Овој предлог ДУП личи како градоначалникот да не се грижи за општината, за Тафталиџе и за целиот град. Како да не се грижи ни за својот углед ни смета дека советниците имаат здрав разум. За зградата во Карпош 3 велеше ‘наместо 28 ката ние дозволивме градба на зграда од 17 ката’. Демек се грижи дека 28 ката се многу, па еве, само 17 е подобро – ‘радувајте се’.

„За парцелата кај Алумина организираа партиципативни фокусни групи со НВО-а и граѓани. И на крајот што предлагаат за Алумина? Мега објекти од 35 спратови. Нит парк, нит нешто од јавен интерес. За градски четврт во кој нема жители кои можат да се пожалат на анкетниот лист бидејќи во таму имаше фабрика, не домови, а Општината не дозволува да реагираат другите жители ниту ги зема предвид коментарите од алатката е-урбанизам. Планира 35-катници и не дозволува соседите да дадат мислење“, забележува иницијативата.

Северно од тие 35-катници, преку една мала уличка, велат од таму, има куќи и зградички кои таму постојат со децении и немаат право да се пожалат за тоа што ќе им биде одземена сончевата светлина.

„Овој предлог ДУП со 35-катници не е предлог кој би го прифатиле советниците. Овој предлог ДУП со 35-катници е порака од градоначалникот за нив и за сите жители.  Зградите во Алумина од 35 спрата се врв на алчноста и непочитувањето кон сите жители на Карпош“, се вели во реакцијата на Борба на Влае објавена на социјалните мрежи.