„Од срце за Влае“ – Маалска дружба на иницијативата Борба за Влае

Утре (15 мај) иницијативата Борба за Влае организира маалска дружба која ќе почне од 11 часот на Плоштадот „Делфина“ во скопската населба Влае.

Организаторите најавуваат дека настанот ќе биде со цел граѓаните би ги искажале своите идеи и желби, но и да понудат помош сите оние кои би сакале да помогнат на иницијативата.

„Пред скоро два месеци ја направивме првата маалска дружба каде сфативме дека огромен е бројот на сожители кои се спремни да се борат за нашата населба. Дознавме дека низ декадите имало повеќе маалски иницијативи и петиции, а и дека тие луѓе сѐ уште ги бараат работите кои не ги добиле во минатото. Во овие два месеци успеавме да се запознаеме подобро меѓу нас, да истражуваме закони и архитектонски планови, но и да сфатиме што ни е потребно за борбата што би следела ако Општина Карпош не ни ги прифати забелешките за предлог ДУП-от“, велат од иницијативата.

На настанот ќе бидат поставени отворени листови на кои секој ќе може да се потпише за да изрази поддршка или да каже на кој начин би можел да помогне.

„На настанот ќе има преставници и од други населби и општини кои се бореле против спорни ДУП-ови, а и некои кои сѐ уште се обидуваат да ги спасат своите населби. Ги покануваме сите кои имаат искуство со ваква борба или кои бараат помош или знаење да дојдат и да споделат искуства“, велат од Борба за Влае.

Повеќе информации за оваа маалска средба може да најдете на следниов ЛИНК.