Борба за Влае: Граѓаните бараат да се тргнат планираните спорни објекти

Иницијативата Борба за Влае реагира дека два месеци нема никаков одговор од Општина Карпош се поминати од поднесувањето на анкетните листови за предлог Деталниот Урбанистички план за Влае 2 од жителите на населбата.

„Граѓаните неколкупати преку социјалните мрежи, но и преку организиран настан алармираа за штетноста на предложениот ДУП и бараа негово враќање на преработка, а и поднесуваа анкетни листови до самата општина, процес кој е граѓанско право, но тој беше повеќепати опструиран“, велат од Борба за Влае.

Од таму посочуаат дека изминатиот период иницијативата оформи работни групи од архитекти и правници, а во неделата, на 15 мај, организираа и нова граѓанска средба наречена „Од срце за Влае“ на која го презентираа нивниот манифест. На собирот присуствуваа граѓани кои ги даваа своите потписи за поддршка на граѓанската иницијатива Борба за Влае.

„По собирот се оддржа работна средба со други иницијативи и партии со слично искуство од Центар, Карпош, Пржино, Расадник, Маврово, Охрид, но присуствуваа преставници и од советничките групи од Карпош – ВМРО, СДСМ, Левица и Независни од Карпош и партијата ДОМ. Единствено не присуствуваше преставник од советничката група на партијата ГРОМ“, соопштува иницијативата.

Од таму дополнуваат дека во периодот на времетрање на отворената анкета за мислење за предлог ДУПот, граѓаните ги дадоа своите коментари против станбени објекти на државно земјиште и зеленило, затворен спортски центар на локација на отворено спортско игралиште, црква наместо инклузивно детско игралиште итн.

„Жителите на Влае се надеваат дека набрзо ќе бидат прифатени нивните забелешки и ќе се тргнат планираните спорни објекти, со што ќе се продолжи со донесување на ДУПот и ќе може да продолжи планскиот развој на населбата и нивните домови“, стои во соопштението на Борба за Влае.