Асоцијација на архитекти: Просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит

Деталните урбанистички планови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија, кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење и доколку не е така истите мораат да бидат коригирани.

Ова е дел од ставот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти како дел од Асоцијацијата, за случајот со парцелите спроти хотелот „Холидеј ИН“ во центарот на Скопје.

„Просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит“, сметаат тие.

„ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022 год. и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот „Холидеј Ин“, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабрикатаТреска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник итн“, се вели во нивната реакција.

Во изминатиот период, ААМ го поддржа мораториумот за градење на 33 Детални урбанистички планови во општина Центар. Ова според нив било единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои биле констатирани сериозни прекршувања и недоследности додека не се донесат нови, за да се почитува јавниот интерес. Но, како што напоменуваат, мораториумот има смисла ако е временски и и содржински строго и наменски ограничен.

„Кон средината на 2019 год., на покана на Општина Центар беа одржани консултативни состаноци на кои беше посочено дека  одолговлекувањето на состојбите е контрапродуктивно и се понуди активно да бидат вклучени во разрешувањето на проблемите со конкретни предлози за тоа како побрзо и поефикасно да се делува. И понатаму ААМ стои на располагање на надлежните институции за инклузивност во делување за  оптимизирање на процесите и процедурите во насока на навремено и правилно донесување одлуки кои ќе им овозможат на архитектите легитимни услови за работа. Ние како архитекти не сме против градење, ниту против личните и бизнис интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро“, стои во нивната реакција.

Тие ја повикаа Комората на овластени архитекти и инженери активно да се вклучи во процесите на креирање на просторот, како и да се грижи за правата и дигнитетот на професијата. На граѓаните им порачуваат да бидат вклучени во донесувањето на одлуки при креирање на просторот, со почитување на експертизата од професионалците.

„Да се почитува квалитетниот градски простор, неговата урбана и архитектонска историја преку создавање на услови за сеопфатна инклузивност при негово креирање со  разни методи на транспарентен натпревар на идеи за значајни локации, содржини и програми“, гласи нивниот апел до локалната самоуправа.

До Министерство за транспорт и врски, пак, забележуваат одговорно да менеџира со државното земјиште како јавно добро при што визијата за градот во иднината, сметаат тие, треба да биде суштинска градска политика креирана во соработка со стручњаци од сите инволвирани области.

Претходно, од О2 Иницијатива соопштија дека испратиле апел до советниците и градоначалникот на Општина Центар во врска со одлуките за спорниот Детален урбанистички план (ДУП) за локацијата на паркингот спроти „Холидеј Ин“.

Според ДУП-от на ова место е предвидена изградаба на повеќе висококатници, а изминатава недела од страна на сопственикот на плацот беше презентиран и визуелниот изглед на зградите кои е планирано да се градат.