Болсонаро со уредба забрани палење на шумите

Уредбата на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро со која се забранува палењето на шумите за добивање на обработливо земјиште, што би помогнало да се запре ширењето на пожарите во Амазон, стапи во сила во четвртокот и ќе трае два месеци, но многумина изразуваат сомнеж за тоа. Исто така, сѐ уште нема голем ефект од помошта на бразилската војска.

Болсонаро сѐ уште е под меѓународен притисок поради снимките од пожарите  кои „голтаат“ огромна површина тропски шуми.

Генералниот сектретар на ОН, Антонио Гутиереш предложи да се одржи состанок за состојбата со Амазон на Генералното собрание кое ќе се одржи на крајот на септември.

Уредбата на претседателот Болсонаро забранува било какво палење на шумите за да се добие обработливо земјиште, на територија на целата држава во наредните 60 дена, но има некои исклучоци. Палењето најчесто се користи за да се добие земјиште за одгледување на земјоделски култури и за одгледување добиток, што е важен извозен сектор во Бразил.

Во амазонската држава Рондонија, сериозно оштетена од шумските пожари, постои големо сомневање за забраната.

„Мислам дека меѓународната заедница треба решително да се вклучи за да помогне на државите на подрачјето на Амазон, на секаков можен начин да се запрат пожарите, а потоа да пристапат кон целосна политика за пошумување. Досега не сме направиле доволно“, вели Антонио Гутиереш.