Боенките за возрасни предизвикаа светска криза за дрвени боички

Наглото зголемување на побарувачката за боенки наменети за возрасни изминатите недели се закани да ги испразни светските резерви на квалитетни дрвени боички, а производителите не можат да се справат со побарувачката.

Најголемиот светски производител на вакви боички, Фабер-Кастел, соопшти дека во изминатите недели имале „двоцифрен пораст“ на продажбата на боички, што го принудило менаџментот да воведе дополнителни смени во производството.

„Трендот на раст на потрошувачката продолжува секојдневно, а тој се чувствува глобално – од Јужна Америка до Азија“, вели Сандра Супа од Фабер-Кастел.

Популарноста на боенките за возрасни вртоглаво расте во последните месеци, но овој тренд полека, но стабилно се пробива веќе со години, велат познавачите. Британската книжарница Вотерстоунс бележи раст на продажбата на боенки за возрасни од 300 проценти за само една година. Најголемиот производител на боенки, „Мисис Басфорд“ продал повеќе од 16 милиони примероци, од кои три милиони само во Кина. Меѓу причините кои се сметаат за одговорни за растот на популарноста на боенките се опуштачката природа на ова хоби и заситеноста на луѓето од дигиталното.