Активисти со акција во Штип: Ветувања пусти ветувања, до кога истокот ќе чека за нов клинички центар?

Група активисти спроведоа активистичка акција „Ветувања пусти ветувања“, посветена  на многуте „ветувања“ дадени поради изградбата на Клиничкиот центар Штип. Таа е продолжение на акцијата „Лопатите протестираат“ која беше спроведена исто така поради доцнењето во изградбата на Клиничкиот центар.

„Во очи на десет годишнината од отпочнувањето на проектот, сакаме да ги потсетиме надлежните институции и владата дека секое ново ветување и одложување на изградбата ги ускратува 500 илјади граѓани од источниот регион на правото на квалитетна здравствена заштита, а воедно и на вработените им ускратува квалитетни и модерни услови за работа, кои се еден од проблемите поради кој штипскиот клинички центар го напуштија над 70 здравствени работници“, соопштуваат активистите.

Акцијата е поставена на оградата на Клиничкиот центар кој во моментов, велат тие, служи само како „галерија“ и е во форма на изложба со шест слики на кои се испринтани ветувањата на разни политичари во минатите 10 години.

„Ние како активисти сакаме да прашаме дали последните изјави за медиуми на политичарите се се’ уште едно празно ветување? И до кога истокот ќе чека за нов клинички центар?  Дали треба да поминат уште десет години и си заминат сите здравствени работници  за да сфатиме дека на источниот регион му е потребен нов клинички центар? До кога ветувања пусти ветувања?“, прашуваат активистите.