„Тотем без табу“ – акција за поставување автомат со менструални продукти и кондоми

По повод 50 години Младински Културен Центар и 10 години Прво па женско, МКЦ и „Тииит! Инк“ се впуштаат во заедничка акција наречена „Тотем без табу“.

Имено, акцијата е фокусирана кон собирање на средства за поставување на автомат со менструални продукти и кондоми, каде овие продукти ќе можат да се купат по набавна цена. Сите заинтересирани можат да донираат преку платформата ecrowd.mk.

Идејата на организаторите за поставувањето на ваков автомат е да се превенира ширењето на сексуално преносливите инфекции (СПИ) и да се намали менструалната сиромаштија, како и да се нормализира дијалогот околу менструирањето и практикувањето безбеден секс.

Иницијативата цели да одговори на предизвиците со кои се соочуваат младите во пристапот до менструални продукти и контрацепција, вклучително и недостатокот на лесен и доверлив пристап до производи за одржување менструална хигиена и контрацепција.

„Стигмата, срамот и табуата за репродуктивното здравје на младите тврдоглаво ги шират пипците низ јавниот простор и создаваат една генерална непристапност до информации и алатки околу овој дел од јавното здравје“, посочуваат организаторите.

Оттаму потсетуваат дека Владата на РСМ го скрати буџетот за превенција од ХИВ за 40%, дополнувајќи дека според најновата студија за менструална правда која што Тиииит! Инк. jа изработи заедно со Реактор – истражување во акција, во државата 67% од испитаниците пораснале со ставот дека менструацијата и менструалната крв е срамна.

„Истражувањето покажа дека 32% од испитаниците одговориле дека барем еднаш во животот се нашле во ситуација да немаат пари да купат влошки и да мораат да импровизираат со крпи или тоалетна хартија“, потсетуваат од „Тииит! Инк“.