Следна дестинација на „МакеДокс“ се Кочани и с. Оризари

Патувачкото кино на „МакеДокс“ го смени форматот за новот издание, па ќе се одржува во текот на четири викенди во месеците јуни, јули и септември.

Во првата половина од годинашните патешествија се одржаа проекции во Кратово, с. Шлегово и две во градот под Исарот – Штип.

„Морам да кажам дека чувството на екипата на Патувачкото кино по првите два викенди е одлично! Се чувствуваме како да сме се вратиле во нормала. Проекциите беа полни, публиката задоволна, а ние уште повеќе. Со нас на проекцијата во Штип имавме присутна филмска екипа од прикажаниот документарен филм „Сите ќе умреме“ во режија на Сашко Потер Мицевски. Покрај него, присутни беа и продуцентот Илија Тирицовски, монтажерката Сандра Ѓоргиева и главниот лик на филмот, Зоран Сичев. Се создаде одлична атмосферa и уште еднаш ни се потврди важноста на дисперзирањето на културата низ целата држава“, вели Сара Ферро од екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“.

Иако негови филмови веќе биле прикажувани како дел од филмската програма на фестивалот и на Патувачкото кино, авторот, документарист и режисер, Сашко Потер Мицевски, првпат присуствуваше на вечерна филмска сесија под отворено небо со „МакеДокс“ во Штип.

„Документарниот филм „Сите ќе умреме“ е снимен во Штип, со урбан штипски лик и беше многу возбудливо да биде презентиран пред штипската јавност, која со многу возбуда го пречека тимот на „МакеДокс“. Зоки, главниот протагонист на филмот, и дел од авторската екипа беа присутни на проекцијата, каде што публиката имаше можност да чуе збор-два за филмот. Најтешко е кога дело се презентира пред свои луѓе, тие се најголем репер за твојот личен успех и најголем мотив за пробивање на границите. Штип мене лично ми беше инспирација за два документарни филмови и ќе остане долго присутен во моите идни дела. Тој нуди магични ликови, надреални приказни и уникатен хумор, што и тоа како му недостига на македонскиот филм“ вели Мицевски.

Следна дестинации на 12. Патувачко кино на „МакеДокс“ се Кочани на 9 јули и с. Оризари на 10 јули. Проекциите ќе почнуваат во 21 часот и ќе се одржуваат на отворен простор, а влезот е бесплатен.