Втора акција „Децата заслужуваат повеќе“ на „Штип Арт Активизам“ со фокус на децата со пречки во развојот

Активистите од неформалната група „Штип Aрт Aктивизам“ денеска ја спроведоа втората дополнителна акција на тема „Децата заслужуваат повеќе“ на постојната локација во паркот наспроти зградата „Пролече“, која е наменета за децата, а со посебен фокус на децата со пречки во развојот.

Оттаму посочуваат дека, поради големиот интерес и поддршка од граѓаните за претходно поставената инсталација, тие одлучиле да ја дополнат инсталацијата со уште две нови фигури, односно, фока и крокодил.

„Во меѓувреме се работи на репарирање на фигурата ‘Жирафа’ која беше уништена и искршена од вандали и наскоро ќе биде поставена. Оваа акција ја дополнува претходната инсталација која се состоеше од четири животни изработени по калап од цемент и обоени во оригинални бои“, велат оттаму.

На сите поставени фигури, како што додаваат тие, има поставено објаснување со брајова азбука за да можат децата со проблеми со видот да научат нешто повеќе за животните.

„За спроведувањето на активностите се консултирани стручни лица кои ги познаваат потребите на децата со пречки во развојот. За спроведувањето на активностите се правени претходни истражувања и се контактирани дефектолози, уметници, активисти, претставници на здружението ‘Сплотени срца’ од Штип, здружение на родители на деца кои се соочуваат со потешкотии во развојот. Особен придонес за спроведување и создавање на оваа инсталација има претседателот на здружението ‘Сплотени срца’,
Зоран Мијалков. Тој даде значаен поглед на специфичните потреби на децата и на тоа како може да се задоволат потребите за безбедност, но и за забава“, стои во соопштението на „Штип Арт Активизам“.

Од неформалната група апелираат до граѓаните за зачувување на зелените површини и детските игралишта, да се однесуваат одговорно и, како што додаваат, да допринесат за поубав Штип.