[Фото] Акција за подигнување на бонтон културата на „Штип Арт Активизам“

Активистите од „Штип Арт Активизам“ денеска со поставување инсталации понудија решенија за тоа како преку навремени реакции може да се намали неодговорното однесување и вандализмот на територијата на Штип, но и за подигање на бонтон културата на дел од граѓаните, информираат тие.

„Во изминатиот период сведоци сме на зголемено неодговорно однесување на дел од граѓаните. Сведоци сме на секојдневно вандализирање на детските игралишта, осветлувањето на пешачката патека покрај реката Брегалница, зелените површини, дрвјата во Штип и околината на Штип. Но и сведоци сме на ненавремено онбовување на детските и спортски игралишта. Штипјани преку анкетата спроведена од Штип арт активисти исто така укажаа на овој проблем кој се случува со години наназад и бараа да се спроведе ваква акција за да се даде видливост, но и решавање на овој проблем“, стои во соопштението на организацијата.

Со инсталациите, како што објаснуваат, тие сакаат да укажат на неодговорното однесување на дел од граѓаните и одговорноста која ја има секој за зачувување на игралиштата, зелените површини, дрвјата и осветлувањето.

Истовремено, тие додаваат дека со оваа акција сакаат да им укажат на локалните власти и институции дека заштитата на ваквите јавни добра е неопходна.

„Зголемувањето на комуналните редари, инспекциите, поголемо присуство на вработените во Министерството за внатрешни работи е клучна за воспоставување на ред. Апелираме до локалните власти да се ангажираат за заштита на овие јавни добра и обновување на дотрајаните и уништени реквизити на детските и спортски игралишта во нашиот Штип“, додаваат тие.

Оттаму порачуваат сите заедно преку бонтон културата да го чуваат и разубавуваат градот, но и повеќе да не бидат сведоци на девијантни однесувања.