Агенцијата за туризам објави гастрономска карта на Македонија и водич за традиционалните специјалитети

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија (АППТ) објави гастрономска карта и водич за традиционални специјалитети кои се важен дел од понудата во регионите, а како што велат, со цел збогатување на туристичката понуда и зголемување на промоцијата на државата. Оттаму наскоро најавија и видео материјали за истата намена.

Од АППТ велат дека илустрираната гастрономска карта има за цел да ги мапира регионите каде има традиционална подготовка на македонски јадења, како и дека идејата е да ги поканат туристите на гурманска тура низ земјава.

фото: АППТ

Во меѓувреме, тие велат дека брошурата пак, содржи фотографии и текстови за гастрономијата во земјава, културата, храна или друг пијалок кој оди со рецептот и настани или манифестации поврзани со гастрономијата.

„Гастрономскиот водич е во вид на патеписни приказни за вкусовите на Република Северна Македонија, преточени преку интересни приказни за гастрономијата, виното, традицијата, фолклорот и културното наследство во нашата земја,  рецептите се специфични од аспект на потекло, како се подготвуваат, кој производи се потребни за  традиционалниот специјалитет, легенди за одредени локални традициии. Брошурата содржи локални или регионални традиционални рецепти за одредени јадења од сите 8 плански региони, карактеристични за тој регион или локално место од тој регион“, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија.

Гастрономската карта е достапна на овој ЛИНК, додека водичот е достапен ТУКА.