Поевтинуваат цените на основните производи и горивата, Собранието ги усвои владините антикризни мерки

Со 95 гласа „За“ Собранието синоќа ги усвои антикризните мерки предложени од Владата со кои се намалува ДДВ-то за основните производи за исхрана од 5% на 0% и се намалува акцизата на горивата, дополнително мерките ќе се воведат субвенции за цената на топлинската енергија, како и ваучери за најранливите категории граѓани.

Со усвојувањето на мерките се очекува следниве денови да се намалат цените кои граѓаните ќе ги плаќаат за гориво и за основните прехрамбени производи, кои драстично се зголемија откако се дестабилизираа светските пазари по руската инвазија врз Украина пред две недели.

Владата утрово соопшти дека е донесена Одлука за видот на добрата и временскиот период на ослободување од плаќање на ДДВ, со која се опфатени лебот, брашното тип-400, шеќерот, маслото, кравјото млеко, месото, оризот и јајцата. Преку дополнителна Одлука се овозможува дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење. Од Владата соопштија дека овие одлуки стапуваат на сила од 13 февруари.

Владата објави сет од 26 антикризни мерки вредни 400 милиони евра чија цел е да се заштити стандардот на граѓаните и економијата, а истовремено да се помогне и на стопанството.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во која ги најави антикризните мерки посочи дека во услови на пост-пандемија, се соочуваме со најголемата економска криза во поново време.

„На глобално ниво растот на трошоците на храната и енергенсите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина го чувствуваме и ние, денес и сега. Дисбалансот на цените на основните прехранбени продукти и енергенсите не засега и нас. Ова ќе биде тешка година но со добри политики и мерки ќе ја премостиме“, рече тој.

Меѓу другите мерки се предвидуваат и ваучери од 1.000 денари за околу 35.000 граѓани од најранливите категории за основни производи за исхрана, субвенционирање на цената на топлинска енергија, како и препорака за штедење и рационално користење на енергијата.