Аерозагадувањето убива половина милион луѓе во Индија

Нов извештај им се приклучи на големиот број истражувања кои докажуваат дека загадувањето на воздухот во Индија стана прашање за живот и смрт. Во истражувањето, објавено оваа недела во научниот весник „Geophysical Research Letters“ , се вели дека надворешното аерозагадување во државата придонесува во повеќе од половина милион предвремени смртни случаи годишно, или трошок за државата од стотици милијарди долари.

Но, смртоносното влијание на загадениот воздух не е ново откритие. Повеќе истражувања заклучија дека и надворешното и внатрешното загадување може да предизвикаат различни болести, вклучително и срцеви болести, хроничен бронхитис, па дури и рак на белите дробови.

Студија објавена минатата година во научниот магазин „Nature“, процени дека ситните ПМ честички, кои можат да бидат создадени од различни извори, се одговорни за речиси три милиони смртни случаи низ светот, секоја година.

Во некои делови од светот, особено во Индија и Кина, аерозагадувањето е се поголем проблем за здравјето на луѓето. Ова е особено точно за Индија, која ја надмина Кина во количината на ПМ честичките, на кои се изложени граѓаните. Извештајот, објавен во февруари од „Гринпис“, откри дека нивото на ПМ честичките во Њу Длехи достигнало и до 128 микрограми на кубен метар, во споредба со Пекинг каде имало 81 микрограми на кубен метар, а во Вашингтон 12. Наспроти ова, Светската здравствена организација препорача државите да не ја надминуваат граничната количина од 10 микрограми на кубен метар.

Авторите на ова студија велат дека повеќето истражувања за аерозагадувањето се фокусираат најчесто на Европа и САД, наместо во урбаните средини на Индија. Досега биле направени само две истражувања, едно независно во 2015 година, и друго во 2014 година, од СЗО, кои покажале дека загадениот воздух е причина за предвремената смрт на повеќе од половина милион луѓе.

Новата студија, која се фокусира строго на Индија, ги потврдува овие податоци. Истражувањето се базира на компјутерски симулации на нивоата на надворешното аерозагадување низ државата, вклучувајќи ги нивоата на ПМ честичките и озон, кој исто така, е познат по тоа што може да предизвика проблеми со дишењето, користејќи податоци од националните пописи за емисиите на загадување. Притоа, истражувачите користеле модел, кој се потпира на претходно истражување за влијанието на загадувањето врз здравјето на човекот, за да го проценат бројот на поврзани предвремени смртни случаи. Сите симулации се базирале на податоци од 2011 година.

Нивните резултати посочуваат дека околу 570 000 предвремени смртни случаи во Индија биле предизвикани поради изложеност на ПМ честички во 2011 година, а дополнителни 12 000 биле изложени на озон. Според овие пресметки, истражувачите заклучиле дека трошокот од смртните случаи изнесувал до 640 милијарди долари во 2011 година, што е речиси 10 пати повисоко од државните трошоци за здравство тогаш.