4 од 10 студенти се зависни од смартфоните, покажува британска студија

Скоро четири од секои десет студенти се зависни од нивните мобилни телефони, а оваа навика предизвикува нарушување на нивниот сон, покажува ново научно истражување.

Студијата е направена преку испитување на 1.043 студенти на возраст меѓу 18 и 30 години во Кралскиот колеџ во Лондон. Резултатите покажале дека 406 од нив имале симптоми на зависност од смартфон, пренесува Гардијан.

Повеќе од две третини (68,7%) од овие лица имале проблеми со спиењето, споредено со 57,1% од оние кои немале симптоми на зависност. Студентите кои ги користат нивните телефони по полноќ, или пак четири и повеќе часови во денот имале најголема шанса да покажат зависност од уредот при специјалниот дијагностички тест за оваа намена.

Учесниците биле прогласувани за зависни доколку не можеле да контролираат колку долго време поминуваат на телефоните, чувствуваат вознемиреност кога не можат да пристапат до телефонот, или пак ги запоставувале другите, позначајни делови од животот поради зафатеност со нивниот телефон.

Научниците во истражувањето објавено во списанието „Границите на психијатријата“ откриле и дека најмладите студенти биле позависни од телефоните. Наодите предизвикале загриженост околу блиската врска помеѓу употребата на смартфоните и тешкотиите за добар сон.

„Нашата студија овозможува дополнителна поддршка за сè поголемиот број докази дека зависноста од смартфоните има негативно влијание на спиењето. Врската е голема и кога ќе се земе во предвид само дневната употреба на уредите“, објаснува Бен Картер, професор на Институтот за психологија и психијатрија на Кралскиот колеџ и еден од авторите на истражувањето.

Според студијата времето кое некој го поминува на телефоните е најзначајно во предвидувањето дали некој влегува во категоријата „зависник“. На пример, 20,3% од оние кои ги користеле телефоните два часа дневно или помалку биле карактеризирани како зависни, додека 53,9% од оние кои ги користеле телефоните пет или повеќе часа биле зависни од нив.

„Редовно користење на смартфоните пред спиење, што е честа појава кај зависноста од смартфони, може значајно да влијае на сонот. Одржувањето добра рутина на спиење е многу значајна за здравјето на младите и младите мора да се обидат да го ограничат користењето на смарфоните доцна во ноќта, на пример – преку полнење на телефоните во друга соба од таа каде што спијат“, вели Бернадка Дубицка, директорка на одделот за детска и адолесцентна психијатрија во Кралскиот колеџ за психијатрија.