„24 илјади бакнежи“ – традиционален љубовен концерт во Филхармонија

По повод Денот на вљубените, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи традиционалниот љубовен концерт во сабота, на 13 февруари со почеток во 20 часот.

На програмата на концертот со наслов „24 илјади бакнежи“ ќе бидат изведени љубовните песни „Еден бакнеж“, „Beautiful Maria“, „Ne me quitte pas“, како и песната „24.00 baci“, песната од која е извлечен насловот на концертот. Песната е напишана во 1961 година од Е.Леони, П.Виварели, Л.Фулчи и А.Челентано.

Таа премиерно била изведена на фестивалот „Сан Ремо“ во изведба на Адриано Челентано и Литл Тони и го освоила второто место. Се смета за прва рокенрол песна која влегла во конкуренција за наградата, воедно и за композиција која ја потретира младината во времето на сексуалната револуција, известуваат од Филхармонијата.

Како солист на концертот ќе настапи нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски и младата македонска вокалистка Светланата Јовановска. Ќе настапи и хор, а во рамки на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов.

Концертот ќе го води маестра Дијана Имери Илкоска, една од најнадежните македонски диригенти која своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 година.

„Ги поканувам сите љубители на најубавата уметност да ни се придружат и заедно да уживаме во специјално одбрана програма со дел од најубавите љубовни теми. Постарите ќе можат да се вратат во младоста, а помладите да чујат како звучеа љубовните песни во минатото. За мене, е особено задоволство да се работи со нашата Филхармонија како и одличните солисти Благој Нацоски и Светлана Јовановска со кои заедно, се надевам, ќе успееме да ја пренесеме нашата љубов во ова време во кое љубовта ни е особено потребна“, истакнува диригентката Имери Илкоска.

Концертите за Денот на вљубените се традиционална содржина на Филхармонија повеќе години наназад. Концептуално се различно обликувани од стандардната програмата и најчесто имаат популарен карактер.