170 земји ќе се заложат за намалување на употребата на пластика до 2030 година

По пет дена разговори на собирот на Обединетите нации за животна средина во Најроби, 170 земји ја донесоа одлуката за значително намалување на употребата на пластика до 2030 година и беше усвоена необврзувачка резолуција за потрошни предмети, како што се пластичните кеси.

Првиот предлог за кратење на овој рок до 2025 година не помина, се спротивставија неколку земји, меѓу кои и САД. Сепак, статистиките говорат дека над осум милиони тони пластика влегуваат во светските океани секоја година.

„Тешко може да се најде единствено решение за сите земји членки. Се наоѓаме на пресвртница околу прашањата за животната средина. Не ни требаат преопширни документи, туку потребни се конкретни обврски“, изјави претседавачот на собирот на ОН, Сим Кислер пред гласањето.

Ова тело е водечко светско меѓународно тело за заштита на животната средина, а овој договор ќе го одреди текот на самитот на ОН за климатски активности кој ќе се одржи во септември.