Зошто 10000 деца-мигранти сѐ уште се водат како исчезнати во Европа?

Европол, Европската служба за разузнавање, проценува дека околу 10000 деца без придружба исчезнале во Европа во текот на последните две години. ВВС истражува зошто и каде тие деца завршиле.

„Има различни причини поради кои овие деца пристигнуваат без придружба“, според Делфин Моралис, генерален секретар на Missing Children Europe.

„Некои од нив се испратени од нивните родители со надеж дека детето ќе има подобар живот, некои се разделени од родителите од страна на криумчарите како начин да ги контролираат, а некои ги изгубиле родителите во хаосот“.

Во 2015 година, според Missing Children Europe, 91 посто од децата кои пристигнале во Европа сами биле момчиња, а 51 посто од нив биле од Авганистан.

Но, профилот на децата без придружба се менува. Повеќе девојчиња пристигнуваат во Европа самите, а возраста на децата кои исчезнуваат е се помала. Минатата година, за прв пат, исчезнувале деца и на само четири години.

Што се случува со сиве овие исчезнати деца? Да се каже наједноставно, никој не знае. Тоа е така бидејќи кога дете од Сирија, Авганистан или Еритреја ќе исчезне во Италија или Грција, ништо не се случува. Многу малку гранични полиции отвораат потрага по исчезнато лице.

Сега започнаа грижите дека криумчарите ги продаваат децата кои ги носат во Европа на трговци со бело робје, за да заработат повеќе пари. Овие деца можат да бидат продавани за проституција или ропство.

„Криумчарите ги експлоатираат децата кои ги носат во Европа“, вели Делфин Моралис. „Проблемот е што овие деца често се обраќаат на луѓето кои ги донеле во Европа, место на властите, и тоа ги прави ранливи“.

Гулвали Пасарлај го напуштил Авганистан кога имал 12 години, и му требало повеќе од една година за да стигне до Британија. Бил разделен од брат му веднаш од страна на криумчарите, па морал да го продолжи патувањето сам.

Пешачел со денови, се криел во камиени, скокал од воз во движење и поминал две недели во затвор за возрасни во Турција, пред конечно да пристигне на турскиот брег. Таму, со чамец за 20 луѓе, патувале 120 бегалци. Чамецот потонал, и минути пред да се удават, крајбрежната стража ги пронашла и ги однела во Грција. Гулвали бил предаден на полицијата, а потоа на армијата. Му зеле отпечатоци од прсти, а потоа го известиле дека ќе биде депортиран за еден месец.

Дотогаш открил дека брат му е во Велика Британија, па го направил истото што го направиле и илјадници други деца – го напуштил бегалскиот камп во Грција и исчезнал.

Гулвали успеал да стигне до Кале, каде направил неколку обиди да влезе во Британија. Му требале пет години да добие статус на бегалец. Завршил училиште, па факултет, и минатата година напишал книга за своето патување, „Небо без светлина“.

Но, на едно дете кое успеало да стигне до целта, има илјадници кои не можеле. Како и Гулвали, се чувствуваат побезбедно да исчезнат, отколку да поминат низ европскиот систем за азиланти.

Според таканаречената Даблинска регулатива, кога дете е регистирано во една држава, властите треба да дознаат дали тоа дете има семејство во друга земја членка на ЕУ. Ако иам, детето треба да биде испратено таму и да продолжи со барањето за азил. Но, тоа ретко се случува.

Кога децата евентуално ќе пристигнат во земјата каде сакаат да добијат азил, треба да им биде доделен претставник кој ќе им помогне со процесот на апликација.

Овие деца често се сосема сами. А, кога нивното барање за азил ќе биде прифатено, треба да поминат низ понижувачки физички тестирања – рентген на заби, мерења на главата за да проверат дали лажат за нивната возраст. Потоа, треба да објаснат зошто си заминале од дома. Повеќе пати се интервјуирани и треба детално да ги раскажуваат траумите од кои побегнале.

Минатата година, речиси 90000 деца стигнале во Европа без придружба. Тоае огромен број. Јасно е дека дури и секоја земја членка на ЕУ посветела повеќе внимание и ресурси за овој проблем, децата мигранти и бегалци ќе продолжеле да исчезнуваат.

Но, според Сиера Смит, професор на право на Националниот универзитет на Ирска Голвеј, ЕУ не успева да ги спроведе ни политиките кои ги усвоила за да ги заштити децата. Се чини дека и јавноста намерно ги игнорира овие проблеми.

Пред една година, фотографијата од мртвото тело на удавениот Ајлан Курди беше објавена, и луѓето од сите страни на Европа станаа почувствителни кон децата мигранти и бегалците. Луѓето им посакаа добредојде во нивните домови, донираа храна, па дури и волонтираа во кампот во Кале.

Британија, Германија и Канада ветија дека ќе прифатат повеќе бегалци, а европските лидери се согласија дека ќе ја поделат одговорноста за бегалците кои пристигнуваат во Италија и Грција.

После една година, многу од овие ветување беа прекршени. Сепак, имаше малку јавен отпор за ова прашање. Зошто?

Делумно поради економијата. Како што скратувањето на буџетот ја зафаќа цела Европа, луѓето чувствуваат помала одговорност да им помагаат на странците. А, наводната поврзаност меѓу мигрантите и милитантите не помага. Без популарна поддршка, политичарите не преземаат акција и не ги спроведуваат правилата кои постојат за да ги заштитат децата.

Така што, приказната на тие 10000 исчезнати деца раскажува многу поголема, за неуспек. Неуспехот на властите да ги следат законите кои постојат да ги штитат децата, и неуспехот на европејците да продолжат да се грижат доволно за да ги убедат политичките лидери да ги одржат ветувањата кои ги направиле.