Жерновски: Наместо да се откаже, новогодишниот дочек ќе има и хуманитарен карактер

Градоначалникот на скопската општина Центар, Андреј Жерновски денеска на прес-конференција информираше дека нивниот правен тим ги разгледал веќе склучените договори со артистите кои што треба да настапат за новогодишната ноќ, по што заклучил дека раскинувањето на тие договори со нив ќе предизвика сериозни финансиски последици.

„Заради откажувањето на настапите, ќе треба да ги исплатиме парите во целост, без разлика што изведувачите нема да го одржат новогодишниот настан. Ова е нелогично и нема да донесе никаква придобивка. Можноста да се пренаменат тие средства за идејата која што постои и која што ја разбирам апсолутно, сега е исклучително тешка“, рече Жерновски.

Тој нагласи дека дел од граѓаните се да се откаже концертот поради иницијативата, а дел се за да се одржи новогодишниот концерт „Град во градот 4“. Од тие причини,  вели тој, нашле едно компромисно решение.

„Од денеска, тој новогодишен настан нема да има само забавен, туку ќе има и хуманитарен карактер, затоа што тоа ќе се претвори во донаторски проект, каде што сите граѓани и фирми ќе можат да донираат за оние категории на граѓани кои се најранливи. Први кои веќе потврдија дека ќе донираат се самите артисти, кои ќе издвојат 600.000 денари од својот хонорар за настапот. Парите ќе бидат наменети за таму каде што ќе се договориме дека е најнеопходно и во претстојниот период ќе го објавиме“, потенцираше првиот човек на Центар.

Тој очекува овој пример да го следат и граѓаните. На самиот настан, вели тој, ќе може секој да донира пари, а активностите и можностите за донирање ќе ги објават во следните денови.

„Верувам дека на крајот ќе дојдеме до висока сума на средства, која би била блиску до онаа која општината ја издвојува за организација на самиот настан. Мислам дека ова е едно компромисно решение кое ќе ги задоволи сите. Благодарност до оние граѓани кои ја дадоа оваа иницијатива. Сепак, за општина Центар ова не е ништо ново, затоа што и по бројки и по факти, општина Центар е општина која што најмногу издвојува средства од својот буџет за социјални намени и проекти“, подвлече Жерновски.

Инаку, прва општина што се повлече од организирање новогодишен пречек за да се донираат пари беше општина Велес, а ваква одлука донесе и Градот Скопје.