Белорусија ја забрани германската телевизија „Дојче Веле“

Белорусија ја забрани германската телевизиска мрежа Дојче Веле назначувајќи ја како „екстремистичка“, според одлуката објавена вчера. Германските власти пак, велат дека тоа е обид да се замолчат независните медиуми, пренесува Радио Слободна Европа.

Белоруското Министерство за внатрешни работи на својата веб-страница објави дека локалната служба на Дојче Веле Белорусија е вмешана во „екстремистички активности“. Дојче Веле во соопштението наведе дека нивните услуги се забранети низ целата земја на „сите платформи“ на интернет.

„Владетелите во Минск со сите сили се обидуваат да ги заплашат и замолчат новинарите и медиумите“, соопшти германското Министерство за надворешни работи на мрежата Х (Твитер), додавајќи дека забраната е дел од репресијата што ја изврши белорускиот лидер Александар Лукашенко, но дека „вистината не може да се забрани“.

Невладината организација Репортери без граници (РСФ) предупреди дека секој поврзан со Дојче Веле е изложен на ризик од две до седум години казна затвор.

Минск ја засили својата репресија врз опозиционерите по контроверзната победа на Лукашенко на претседателските избори во 2020 година, што предизвика масовни протести кои беа задушени со брутална полициска акција во која беа уапсени илјадници луѓе.

Според невладината организација „Весна“, речиси 1.400 луѓе се во затвори во Белорусија од политички причини.