Зголемената телесна тежина и дебелината сè поприсутни во Македонија, Институтот бара итни мерки од властите

Зголемената телесна тежина и дебелина се сè поприсутни кај популацијата во Република Македонија.

Податоците на Институтот за јавно здравје на РМ покажуваат дека 62,7 отсто од мажите и 48,4 отсто од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а дебели се 19,6 и 17,2 проценти од нив. Согласно споредбените податоци од спроведувањето на Иницијативата на Светската здравствена организација за следење на дебелината кај децата во Европа, во Македонија за 2010 и 2016 година, се гледа дека има зголемување на преваленцата на зголемена телесна тежина, или дебелина во 2016 споредено со 2010 година и тоа кај машките деца од 37,9 на 39,4 отсто, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9 отсто. Преваленцата на дебелина е зголемена кај момчињата од 19,5 на 20,5 отсто, а кај девојчињата од 13,1 на 15,2 отсто.

Институтот се приклучува во одбележувањето на 11 октомври, Светскиот ден за борба против дебелината. Светската федерација годинава го насочи вниманието кон зголемување на инвестициите од владите, професионалците од јавното здравје и давателите на здравствени услуги за справување со дебелината. Тоа значи инвестиции во превенцијата, раното препознавање и лекувањето на последиците од дебелината.

Лошата исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на проблемот со дебелина и прекумерна телесна тежина.

„Спречувањето на појава на дебелината, како еден од најзначајните фактори на ризик за кардиоваскуларни болести, дијабет тип 2 и малигни болести, е комплексен процес кој не треба да е одговорност само на здравствените власти или личностите кои се соочуваат со него“, велат од Институтот за јавно здравје.

Оттаму алармираат дека за превенција итно мора да се исполнат следните препораки:

  • Едукација заради поддршка во креирањето на здрава околина;
  • Осигурување на лесна достапност до здрава храна преку подобрување на локалната околина поврзана со храната;
  • Подобрување на локалната инфраструктура која ќе обезбеди можност за активен транспорт и физичка активност заради задоволство;
  • Интервенции на пазарот во насока на поддршка на здрави избори во исхраната;
  • Промоција на здравјето во текот на целиот живот заради заштита на здравјето на сегашната и на идните генерации.

Во делот на справување со дебелината, пак, неопходно е според нив да се спроведат инвестиции во:

  • Изработка и спроведување на национални водичи за препознавање и нега на луѓето погодени од зголемена телесна тежина и дебелина, особено на оние од ранливите групи;
  • Бесплатни консултации за дебелина во примарна здравствена заштита;
  • Здравствен персонал обучен за консултации со пациенти и избегнување на стигматизација поврзана со тежината;
  • Групни и индивидуални услуги за луѓето со проблеми со тежината;
  • Поддршка на ниво на семејство, училиште или работно место;

Луѓето кои имаат зголемена телесна тежина или се дебели живеат со специфичен инвалидитет и со намален квалитет на живот, појаснуваат од Институтот. Појавата на болести кај нив е поизвесна и носи ризик од предвремена смртност, забележуваат оттаму.

Институтот за јавно здравје ги повикува здравствените власти на централно ниво да го дадат потребното внимание на овој проблем. Институтот ги повикува и сегашните и идни институции на локално ниво, да вложат дополнителни напори во насока на обезбедување на животна околина за своите граѓани која ќе промовира здравје и ќе ги заштити од предвремена појава на незаразни болести.