Земјите би можеле да бидат принудени да преземат климатска акција

Во Обединетите нации (ОН) во Њујорк, повеќе од 130 земји-членки гласаа за Меѓународниот суд на правдата да се изјасни за „обврските на државите“ за заштита на климата „за сегашните и идните генерации“, јавува Евроњуз.

Резолуцијата, која се подготвуваше со години, беше предложена од малата островска држава Вануату на Пацификот. Тоа значи дека највисокиот суд во светот сега ќе разјасни што државите мора легално да направат за да ја одбранат животната средина од климатските штети.

Сепак, резолуцијата е необврзувачка, што значи дека нема потреба ниту една држава да се придржува, доколку одлучи да не го стори тоа.

„За некои земји, климатските закани се смртна казна. Навистина, иницијативата на тие земји, на кои им се придружија многу други – заедно со напорите на младите луѓе ширум светот – нè зближува“, рече генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во говорот пред Генералното собрание.

Пред една недела, климатските експерти на ОН предупредија дека глобалното затоплување ќе се зголеми за еден и пол степен во периодот од 2030 до 2035 година.

Парискиот климатски договор од 2015 година кој е правно обврзувачки постави долгорочна цел да се задржи загревањето до најмногу два степени до крајот на овој век.