Законот за учебници повторно е отворен за предлози на ЕНЕР – јавни дебати по одморите

Предлог-законот за учебници повторно е отворен за сугестии и предлози на ЕНЕР (Електронски регистар за прописи), соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, при посета на средното училиште „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров по повод неговата реконструкција.

„Сега е летен период и ги очекуваме експертите. Тој беше достапен на ЕНЕР повеќе од два месеца и исто така се правеа расправи. Сите аргументи беа земени предвид во финалното решение. Сега повторно тој е отворен и граѓаните може да испраќаат свои коментари, а имаше и претходно мејл-адреса. Очекувам да направиме рунда на дебати од септември, кога сите ќе се вратат од летните одмори и потоа да одлучиме како ќе го пуштиме законот во Собрание. Иако ставот на МОН и на Владата е дека не отстапуваме од процесот што е почнат како што е дигитализацијата, затоа што тоа е единствен излез за нашите ученици да станат подобри“, рече Царовска.

Владата на почетокот на месецов го повлече Законот за учебници од собраниска процедура за да биде на јавна расправа. Но, тој веќе еднаш беше повлечен, а појаснувањето тогаш беше дека се усогласува со европското законодавство, по што беше вратен со европско знаменце.

Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ во меѓувреме се мобилизираше против дигитализацијата на учебниците, така што до Собранието поднесе барање за референдум. Тие сакаат граѓаните да се изјаснат дали поддржуваат дигитализација на учебниците и наставните материјали во основното и средното образование. Собраниските комисии тогаш го прифатија предлогот за референдум на иницијативата, откако веќе еднаш беше отфрлена  поради неуредно поднесените 100 потписи.

Министерката Царовска вели дека подготовките за воведувањето на новата образовна концепција за прво и за четврто одделение се речиси готови, со нови наставни програми и материјали за учење што ги изготви Бирото за развој на образованието. Очекува по третата обука на наставниците во август да бидат целосно подготвени, додека за идните предизвици најави дека ќе се решаваат во тек.

„Дигитализацијата во образованието е нужна и не е прашање дали нашата држава сака или не сака, туку мора да фатиме чекор со светот и глобалните процеси. Тоа го покажа и пандемијата. Да сме почнале пред десетина години со дигитализацијата, веројатно немаше да имаме цело полугодие на прилагодување на образовниот систем во првата година од пандемијата, туку ќе бевме спремни“, рече Царовска.

Таа посочи дека не смее да има мешање на дигиталните учебници со дигиталната настава, туку дека учебниците се мултимедијални алатки со кои на поедноставен начин им се прикажува содржината што треба да ја учат учениците. Очекува во наредните пет до десет години да се создаде тренд на подобрување во однос на математичката писменост и писменоста по мајчиниот јазик.

Министерката додаде дека согласно бројките и по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести ќе се организира наставата. Таа потсети на трите можни сценарија за почеток на новата учебна година кои беа одлучени на владина седница.

Од нив како што посочи, приоритет е ако продолжи стабилната епидемиолошка состојба, сите ученици да се вратат во училиштата за настава со физичко присуство со соодветни протоколи. Но, ако состојбата се влоши би имало настава на далечина како во изминатата учебна година, а третата опција е хибриден модел т.е. неделно ротирање на учениците во две групи за настава во училиштата и онлајн од дома.

Е.П.