Само со добри јавни услуги може да се врати довербата во институциите – Дебата за дигитална трансформација кон е-општини

Дигитализацијата на општините е комплексен процес, но е неминовен и потребно е во него да се вклучат сите чинители, од креаторите на политики, граѓанскиот сектор, бизнис и академската заедница и граѓаните за тој да се забрза. Целта на дигитализацијата е поефикасни општини кои ќе бидат вистински сервис и во служба на граѓаните, како и поголема транспарентност која ќе придонесе да се врати довербата во институциите.

Ова е заклучокот од вчерашната панел дискусија: „Дигитална трансформација кон е-општини – Како практично да се премости јазот помеѓу очекувањата на граѓаните и достапните јавни услуги?“, што се одржа во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“, а во соработка со Министерството за локална самоуправа.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, најави дека Министерството за локална самоуправа планира процесот на дигитализација на општините во државава да се одвива на три нивоа, имајќи го предвид  различниот степен на нивната развиеност. Според министерот неопходно е овој процес да се унифицира и тој ќе биде реализиран заедно со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) како надлежно за дигитализацијата.

„Министерството за локална самоуправа со УНДП во моментов ја скенира секоја општина за да утврди до кое ниво е стигната со дигитализација. Сакаме да утврдиме каде се проблемите и предизвиците, како и да креираме една национална платформа по која ќе се водат сите општини, а ќе го унифицира и олесни патот кон дигитална трансформација за сите“, рече министерот Милевски.

Посакувајќи успешен настан, министерот за е-Влада и дигитализација на Република Бугарија Божидар Божанов во своето видео обраќање изрази надеж дека ќе има многу различни можности за континуирана размена на мислења, идеи и пракси на тема дигитализација помеѓу двете земји.

„Општините се во центарот на искуството на граѓаните во комуникацијата со јавните институции и тоа е главната причина поради која е потребно да вложуваме големи напори во нивно стандардизирање и дигитализирање. Она со кое треба да се започне е унифицирањето на е-идентитетот, што е главна компонента за создавање на е-Влада, вклучително и за дигитална трансформација кон е-општини“, посочи министерот Божанов.