Војската на Нигер во телевизиско обраќање соопшти дека извршиле пуч

Војниците во Нигер соопштија дека го отстраниле од власт претседателот Мохамед Базум, откако вооружени сили претходно ја блокираа претседателската палата во главниот град Ниамеј, во една од најнестабилните држави во светот.

Група војници се појави на националната телевизија доцна синоќа, неколку часа откако претседателот бил уапсен.

Читајќи го соопштението, полковникот Амаду Абдрамане, опкружен со девет други војници, изјави дека одбранбените и безбедносните сили одлучиле „да стават крај на режимот поради влошената безбедносна состојба и лошото владеење“.

Тој додаде и дека државните граници на Нигер се затворени и дека сите јавни институции суспендирани. Абдармане прогласи национален полициски час, а војската предупреди и на евентуална интервенција од странство.

Од официјалниот Твитер профил на претседателот на Нигер, кој уште е под контрола на членови на неговиот кабинет, објавија дека во Ниамеј имало повеќе спонтани протести по информациите за пучот и апсење на претседателот Базум.

Војниците, меѓу нив и членови на претседателската гарда на Базум, велат дека претходно преговарале со претседателот, за кој велат дека е здрав и дека не му се заканува опасност, иако не е познато каде се наоѓа во моментов.

Белата Куќа вели дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговарал со уапсениот претседател и му дал до знаење дека САД го поддржуваат како демократски избран претседател на Нигер и бараат негово итно ослободување.

„Ги осудуваме сите напори да се преземе власта со сила. Активно соработуваме со владата во Нигер, но исто така со партнерите во регионот и низ светот и ќе продолжиме да го правиме тоа додека ситуацијата не биде соодветно и мирно решена“, изјавил Блинкен.

Поддршка на претседателот Базум му даде и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој побара сите страни да се воздржат и да обезбедат заштита на уставниот поредок.

Базум, кој беше демократски избран во 2021 година, е близок сојузник на Франција. Последниот пуч во Нигер се случи во февруари 2010 година, кога беше соборен од власт тогашниот претседател Мамаду Танџа.

Пред инаугурацијата на Базум во април 2021, безбедносните служби информираа дека имало обиди за пуч. Тогаш неколку луѓе беа уапсени, меѓу кои и предводникот на иницијативата, капетанот Сани Гуруза. Тој беше уапсен во соседниот Бенин и беше предаден на властите во Нигер. Во следните месеци за овој случај беше уапсен и поранешниот министер за внатрешни работи Усман Сисе, кој беше осуден на 20-годишна затворска казна.

Во март оваа година имало уште еден обид претседателот Базум да се собори од власт додека тој се наоѓал во Турција, но властите на Нигер никогаш не коментираа јавно за овој инцидент.