„Вода=живот“ – фото изложба на 16 август во Охрид

Старт-ап центарот Касарна Хаб Охрид во соработка со Амбасадата на Холандија во среда (16 август) со почеток во 19 часот, организираат фото-изложба на тема „Вода=живот“ во Касарна Хаб.

Во 2022 година, во пресрет на COP27 во Египет, Холандија ги повика ентузијастите за фотографија од целиот свет да создадат и споделат инспиративна и провоцирачка еколошка фотографија во фото натпреварот „Вода = живот“, но, и покрај толку многу примени моќни слики, може да има само еден победник, тоа беше Томислав Георгиевски од Македонија со фотографијата направена во Црн Дрим во Струга, велат организаторите.

„Водата е неопходна за животот на земјата. Светот се соочува со невидени климатски предизвици и многу од нив се поврзани со премногу, премалку и премногу валкана вода. Иако водата ја има насекаде, само 2,5 отсто од светската вода е свежа вода. Од оваа свежа вода, само мала количина (1 процент) е лесно достапна во езерата, реките и мочуриштата. Остатокот е заклучен во глечери (две третини) или скриен во подземните води (речиси една третина) . Историјата, културата и иднината на Холандија се нераскинливо поврзани со водата. Затоа Холандија е посветена да ја вреднува водата како скапоцен и незаменлив ресурс“, додаваат тие.