Изложба на оригинални дела на Пабло Пикасо во Ѓорче Петров на 20 октомври

На 20 октомври од 12 до 22 часот, во Домот на културата во Ѓорче Петров ќе биде поставена изложба на керамики, цртежи и графики на познатиот сликар Пабло Пикасо од колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж.

Организаторите појаснуваат дека во колекцијата на ОСТЕН се наоѓаат 83 оригинални дела на Пикасо од кои 8 цртежи, 26 керамики и други рачно потпишани графики, односно дека дел од нив ќе бидат изложени во Домот на културата.

„Покрај неприкосновената вредност на делата од легендата во уметноста на 20 век – Пабло Пикасо, оваа изложба е од исклучително значење и затоа што се организира по втор пат во Скопје. Единствена изложба на дела од Пикасо од колекцијата на ОСТЕН претходно е организирана во Галерија ОСТЕН во 2011 г“, се додава во соопштението.

Влезот на изложбата е бесплатен.