Рекордни 523 предмети отворила Комисијата за спречување и заштита од дискриминација лани

Рекордни 523 предмети отворила Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во 2023 година, соопшти КСЗД денеска, објавувајќи го Годишниот извештај за работата за минатата година. Во меѓувреме, лани биле пренесени и 76 предмети од претходната 2022 година, со што Комисијата вкупно работела на 599 предмети.

Бројката од 523 нови предмети, велат дека претставува апсолутен годишен рекорд во досегашното работење на Комисијата, а во неа се вбројуваат 520 претставки за заштита од дискриминација поднесени до Комисијата од страна на граѓани, граѓанските организации и други правни лица, а 3 постапки по службена должност.

Граѓаните од Комисијата најчесто се обраќале заради заштита од дискриминација во областа на јавното информирање и медиуми,  потоа во работата и работните односи, како и во областа на образованието и пристапот до добра и услуги.

„КСЗД постапуваше по секоја од поднесените претставки поединечно и беа донесени 521 одлука, од кои 117 правни мислења, но и 344 заклучоци за отфрлање на претставката или непостапување односно запирање на постапката – најчесто заради ненадлежност и неуредност на поднесоците. Тоа укажува дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, постои низок степен на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД и задолжителните елементи на претставките“, посочуваат од КСЗД.

Од друга страна, постапувајќи по поднесени претставки, Комисијата донела 59 мислења во кои утврдила дискриминација и упатила препораки за нивно отстранување од кои, во 21 од случаите била утврдена дискриминација во потежок облик, односно како интерсекциска, продолжена, повеќекратна и повторена дискриминација.

„Дискриминацијата била најприсутна во областа на работата и работните односи, потоа јавното информирање и медиуми, а утврдена е и во областите: пристап до добра и услуги, образование, спорт, правосудство и управа, членување и дејствување на здруженија на граѓани или други организации засновани на членство, здравствено осигурување, домување, право на јавен собир и дејствување и работа на општински совет. Во случаите, КСЗД констатираше повреда на правото на еднаквост врз 25 различни дискриминаторски основи, а најчеста утврдена основа за дискриминација била лично својство и општествен статус, по што следат основите сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната или етничка припадност, политичкото уверување, полот и припадноста на маргинализирана група“, посочија од КСЗД.

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.