ЕЦПР: КСЗД му нареди на основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ да ја прекине сегрегацијата на ромските деца

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) издала мислење против основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, при што надлежните имаат рок од 6 месеци да ги спроведат мерките за намалување на сегрегацијата на ромските деца во училиштето, тврдат од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР). Оттаму велат дека ромските деца се сегрегираат поради практиките на училиштето за упис на ученици.

Од ЕЦПР велат дека одлуката е донесена на 19 април, а објавена на 12 август, и дека е одговор на претставката која ја поднеле против општинското основно училиште врз основа на сегрегација на ромските деца.

„Низ годините, сведоци сме на преголема застапеност на ромски деца која прогресивно се зголемува со растечки број на исклучиво ромски одделенија во основното училиште ‘Ѓорѓи Сугарев’. Податоците за учебната 2021/2022 година се посебно алармантни, со вкупно 77 првачиња Роми запишани во училиштето. Тоа покажува дека ова училиште сè повеќе станува целосно сегрегирано, т.е. само за Роми“, објаснува Сенада Сали, правен директор на ЕЦПР.

Од Европскиот центар за правата на Ромите велат дека според одлуката на КСЗД, практиките на училиштето за упис на ученици претставува индиректна дискриминација против децата Роми кои се сегрегирани врз основа на нивната етничка припадност што е спротивно на Законот за основно образование.

„Досега, родителите на не-ромските ученици беа во можност да ги запишат нивните деца во училишта надвор од средината во која живеат поради селективна примена на законот од страна на училиштето. Тоа значеше дека училиштето де факто стана етнички сегрегирано бидејќи на голем дел од не-ромските деца им беше дозволено да се префрлат во училишта во други средини – појава позната како ‘бегање на белите деца’“, велат од ЕЦПР.

Оттаму тврдат дека Комисијата дала препорака за директорите на училиштата во оваа област да ги запишуваат само оние деца кои административно припаѓаат на тоа училиште, додека Министерството за образование и наука добило инструкции да утврди построги критериуми за упис на децата во училиште што е надвор од нивниот регион.

Истовремено, од ЕЦПР велат дека Комисијата дала и препорака за училиштата да го зголемат бројот на образовни асистенти, што треба да ја подобри социјализацијата и почитувањето меѓу децата, да ја зголеми соработката меѓу властите и граѓанските организации во насока на намалување на запишувањето на децата во други училишта од страна на не-ромските родители и за подобрување на познавањето на македонскиот јазик меѓу ромските деца.

Во моментов, Сали вели дека ја чекаат пресудата од Европскиот суд за човекови права за овој случај.

„Иако мислењето на Комисијата е важно е за нас и за родителите и децата кои ги застапување, нема да ја запреме правната битка сè додека властите не направат десегреграција на училиштето и им дадат шанса на ромските и не-ромските деца од Баир да учат заедно, во инклузивна и етнички разновидна средина“, вели Сали.