Во Украина убиен руски новинар и критичар на Путин

Рускиот новинар Аркади Бабченко е убиен во Киев на влезот од неговиот стан.

41-годишниот Бабченко бил нападнат од грб со огнено оружје, по што починал на пат до болница, соопшти украинската полиција.

Во соопштението се додава дека постои сомнеж дека Бабченко е убиен поради својата истражувачка работа.

Тој бил припадник на руската војска во текот на првата војна за незвисност на Чеченија, по што почна да се занимава со новинарство. Работел како воен дописник за весниците „Московски Комсомолец“ и „Новаја газета“, а исто така соработувал со неколку телевизиски станици за кои известувал за настаните поврзани со грузиско-јужно осетискиот конфликт.

Бабченко беше остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин и Кремљ, особено по прашањето за руската анексија на Крим и поддршката на Москва за проруските бунтовници во источна Украина.

Тој лани ја напушти Русија, страхувајќи за својата судбина. Од Москва, пак негираат вмeшaност во неговото убиство и најавија сопствена истрага.