Во Скопје има 180 бездомници, 50 ги користат услугите во Пунктот во Момин Поток

На територијата на Скопје има 180 бездомни лица, според базата на податоци на Црвениот крст. На дневна основа услугите на Пунктот за бездомни лица во Момин Поток ги користат 50 лица.

Пунктот за бездомници на територијата на Скопје функционира веќе осум години.

Во Пунктот два пати во неделата бездомниците можат целосно да се грижат за својата хигиена, да добијат облека, топла храна, совет од лекар, психосоцијална поддршка и правна помош.

Пунктот има посебна програма во зимскиот период, подготовките за зимскиот период се завршени и има дополнителни 20 кревети во однос на минатата година. Вкупно има 40 легла, а ако има поголем број лица, кои бараат сместувања се отвораат и дополнителните интернати или се наоѓаат алтернативни решенија.

Во врска со ресоцијализација тимот работи на враќање на овие лица во нормалните текови на живеење.

Десет лица во изминатите осум години, колку што работи Пунктот се вработени и веќе се грижат самите за себе.

Во рамки на пунктот има фризерски салон, во кој овие лица можат да ги користат услугите и таму работи лице, кое претходно било бездомник.